Унет - Интернет Провајдер
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 


Традицијата за организиран масовен дочек на Новата година, на граѓаните на Скопје, претставува белег со кој главниот град на Македонија, од 1990 година, се одликува не само во споредба со останатите градови во државата туку и надвор од неа.Во текот на изминатите години се изгради концепција и се реализираше програма која сосема ги задоволуваше потребите на скопјани и истовремено претставуваше инспирација за другите градови во Македонија.

Развивањето на оваа концепција започна од еднодневна програма која со текот на годините се збогати со бројни содржини и во деновите пред самиот дочек на Новата година со “Предпразнична програма” во која беа вклучени повеќе содржини кои не беа само од забавен карактер туку имаа и свои образовни вредности во комуникацијата со децата или пак оставија трајни културолошки белези и иницираа програми кои традиционално се реализираат од другите институции во градот.Во таа смисла вреди да се потсети на некои содржини кои беа иницирани и реализирани во рамките на Новогодишната програма како што се програмите на отворените простори во центарот на градот наменети за деца со Дедо Мраз, специјално подготвени детски театарски претстави, хумористично естрадни вечери, улични свирачи, рок концерти, “Радио плоштад”, како и изложби на фотографии, новогодишни концерти на Филхармонијата и други.

Дел од овие содржини традиционално се реализираат секоја година, друг дел се појавуваат на неколку години, а останатите кои исто така беа иницирани и во почетокот организирани и реализирани во рамките на Дирекцијата за култура и уметност, својот “живот” го продолжија во институциите со кои или во кои тие беа работени.

Со пречекот на Новата 2003 година започна реализирањето на новиот концепт на програмата кој предвидува на просторот на плоштадот “Македонија” да се направи мал “Новогодишен град” со штандови во облик на дрвени куќички во кои на граѓаните ќе им се понуди храна и пијалок, новогодишни подароци и сувенири.Развивањето на овој концепт во наредните години ќе се одвива во насока на проширување на просторот кој ќе биде анимиран на овој начин со традиционалните културно забавни содржини кои опфаќаат настапи во живо на најпопуларните македонски исполнители на популарна, рок и народна музика.